Легендарната српска актерка Неда Арнериќ (67), само три седмици откако гостуваше во земјава во театрите во Струмица и Битола, со претставата „Се извинуваме, многу се извинуваме”, најави дека ја очекува голем животна пресвртница.
Имено, како што пренесуваат српските медиуми, таа решила да замине во Индија и целосно да промени својот начин на живот.
-Сакам да го искусам аскетскиот живот. Ќе се откажам од благодетите во Белград, ќе носам стара облека, ќе постам, ќе се молам, ќе имам само еден оброк дневно – изјавила актерката и појаснила дека планира да напише и книга.
Арнериќ е омилена актерка на нашите простори и важен лик во македонската кинематографија, откако во 1977 година ја одигра култната улога во филмот „Исправи се Делфина”, инспириран од вистински настан, препливувањето на каналот Ламанш на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи.
Во филмот, една од главните улоги играше и актерот Диме Илиев, кој пред три недели, за време на гостувањето на Неда во театарот во Битола ја изненади на бината и приреди доста емотивна сцена. Арнериќ во минатото се соочи со доста тешки животни ситуации и за неа се пишуваше многу.
Поради недозволена комбинација на лекови и алкохол во февруари годинава беше пронајдена без свест и лекарите се бореа за нејзиниот живот. Три години пред тоа лекарите и го спасија животот, откако падна од третиот кат на својот балкон и се здоби со тешки повреди. Тогаш се пишуваше дека наводно извршила обид за самоубиство, поради лошата здравствена состојба на нејзиниот сопруг, хирургот Милорад Мештеровиќ.
Нејзиниот сопруг починал во декември 2018 година, по долгата борба со ракот. Заедно поминале 35 години, а актерката често изјавуваше дека тој е нејзината најголема љубов.
По враќањето на сцената со настапите во нашите театри, многумина помислија дека лошиот период е зад неа, и како таа повторно му се врати на актерството, по што одлуката да се пресели во Индија предизвика изненадување во регионот.