На вработените во институциите под Министерство за култура веќе трета недела им доцнат платите. Причина за доцнењето е нивелацијата која ја најави Министерството, а со која треба да се порамнат платите на вработените.
Инаку, вработените во Министерството ги добиле своите плати на време затоа што не се опфатени со нивелацијата.
Уметници, актери и други културни работници веќе се пожалија на социјалните мрежи.
„Шта то беше, шта то беше… Платааа.
Трета недела вработените во театрите се без плата, по нивелацијата на платите во културата. Со останатите од културата вкупно 3400 луѓе, без плата. Кабает се сите инволвирани во процесот. Од директори на институции, до оние во Министерството. Резултатот е погубен. Душата на вработените им е во носот, дишат преку цевче и не им останаа многу опции освен јаже, пиштол и скок од тераса, зашто банките им дишат у врат“, напиша акерот Сашо Тасевски на својот фејсбук профил.
„Фокус“ се обрати до Министерство, а од таму ни одговорија дека нивелацијата е исклучително тежок процес и дека се очекува платите да бидат исплатени до крајот на неделава.
„Ја разбираме вознемиреноста на вработените во културата, но истакнуваме дека процесот е во завршна фаза, односно до крајот на неделата се очекува да бидат исплатени платите во целост. За Министерството за култура е најважно сите средства да бидат исплатени согласно Законот и согласно колективните договори на институциите во културта. Целта е да бидат отстранети сите можни пречки, во насока на непречена исплата во иднина“, соопштија од таму.