Три кривични пријави против градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов

by fokus

Три кривични пријави се поднесени против градоначалникот, Општина Неготино, Ванчо Апостолов до Основното јавно обвинителство во Кавадарци. Неготинската полициска станица од општа надлежност го товари за злоупотреба на службената положба и овластување.

Првата кривична пријава е поднесена затоа што Апостолов склучил договори за рекламирање, објавување на огласи и конкурси, објавување на текстови за тековното работење и вршење други услуги од информативен карактер за општина Неготино, без да спроведе тендер, со што ја оштетил општината за 7.800 евра.

„За погоре наведените договори општина Неготино на застапникот на порталот му исплатила 84.000 денари  без да спроведе тендерска постапка односно, пријавениот постапил спротивно на Законот за јавни набавки. Исто така и во текот на 2015, 2016 и 2017 година А.В.склучил договори со истиот веб портал застапуван од  лицето М.М. од Неготино,  со идентичен опис на потреби и вршење други услуги од информативен карактер за општина Неготино со што на М.М. вкупно, по основ на спомнатите договори и се исплатени 396.000 денари од средствата на општина Неготино, без да спроведе тендерска постапка, односно спротивно на законот за јавни набавки со што буџетот на општина Неготино бил оштетен за вкупно 480.000 денари“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Втората кривична пријава е поднесена затоа  што Апостолов, по поднесено барање од страна на ДПТУ Рудуна Енергија ДОО од Кавадарци од 14.12.2015 година, до Советот на Општина Неготино за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, издејствувал Советот на општината на 15.12.2015 година да донесе одлука со која се одобруваа барањето на правното лице. Така, правното лице во кое што Апостолов бил и во својство на содружник/основач, спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на општина Неготино е ослободено од плаќање на надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари, со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет.

„Во третиот случај пријавениот А.В. на 13.10.2015 година донел решение со кое го именувал Љ.Д., вработен како одделенски наставник  во ООУ “Страшо Пинџур“ за в.д. директор на ова основно училиште од Неготино, а согласно чл.135 ст.1 од Законот за образование. Притоа пријавениот, спротивно на член 135 ст.4 од Законот за образование  дури на 20.07 годинава носи решение за престанување на вршењето на должност в.д. во посоченото училиште, спротивно на прецизно нормираните рокови за извршување на мандат на „вршител на должност“, велат од МВР.

 

Поврзани новости