Три години затвор за прегазен пешак доби кумановката чија ќерка претходно загина во сообраќајка

by fokus

Три години затвор доби кумановката Гордана Филиповиќ за прегазувањето на пешакот кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, сообраќајка што се случи по извесно време откако нејзината млада ќерка тинејџерка, Јелена Филиповиќ загина и самата во сообраќајна несреќа.

Несреќата се случи на преминот пред мостот Гоце Делчев, а Филиповиќ не застанала на пешачкиот премин по кој се движел 76-годишниот пешак Слободан Анѓеловски.

Ќерката на Филиповиќ претходно настрада во сообраќајна несреќа на 17-годишна возраст во возило управувано од пијан и дрогиран возач.

Судијката Елена Јосифовиќ денеска посочи дека како отежнителна околност е земено тоа што не застанала на пешачкиот премин иако веќе две возила чекале да помине пешак, а воедно и тоа што имала забрана за управување со моторно возило во моментот кога се случила трагичната несреќа. Отежителна околност според судот била и зачестеноста на ваквите кривични дела.

Како олеснителни околности за Филиповиќ се земени тоа што претходно не била осудувана, станува збор за релативно млада жена која покажала искрено каење. Дополнително судијката оценила дека како олеснителна околност е и тоа што нејзината ќерка го загубила својот живот исто така во сообраќајна несреќа.

Поврзани новости