Пациентот кој вчера го доби срцето од дарителот,од чии органи без спасени уште тројца пациенти, пет години боледувал од срцево затајување, а три години бил на листата за трансплантација, раскажува за Фокус д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација и директор на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
„Вчера и завчера за прв пат од еден дарител беа направени четри трансплантации, односно беа трансплантирани срце, црн дроб и бубрези, а беа извадени коскени делови кои подоцна ќе бидат трансплантирани кај други пациенти. Срцето го доби 40 годишен пациент, кој пет години боледува од затајување на срцето, а поради ретката крвна група три години е на листа на чекање за трансплантација“, изјави д-р Мојсова Мијовска.
Таа вели дека трансплантациите почнале завчера вечерта, кога ја добиле согласноста од семејството на дарителот да ги извадат органите и додава дека чувствува огромна благодарност кон семејството за нивната хуманост да дозволат да се спасат четри животи.
„Црниот дроб го доби 49 годишна пациентка која подолго време боледувала од затајување на црниот дроб, и на која неколку пати многу и се влошувала здравствената состојба. Овој пат таа беше компатибилна со донорот на органите и на неа и беше направена трансплантација“, вели д-р Мојсова Мијовска.
За трансплантација на бубрезите имало четириесетина пациенти кои биле компатибилни со донорот, но како што објаснува д-р Мојсова Мијовска, предност е дадена на двајца пациентикои поради ретката крвна група исто така подолго време чекале трансплантација.
„Едниот бубрег го доби 55 годишен пациент, кој две години беше на дијализа. Ова му е втора трансплантација на бубрег. Со претходно трансплантираниот бубрег живеел 25 години. Тој има добиено и награда од здружението на бубрежно болни пациенти ’Нефрон’ за пациент, кој најдолго бил на дијализа и најдолго живеел со дониран бубрег“, објаснува д-р Мојсова Мијовска.
Вториот бубрег го добил 51 годишен пациент, кој на дијализа е четири години.
Даруваните органи се од млад маж, чие семејство се согласило лекарите да спасат четири животи.
„Органите беа експлантирани ноќта на 19 јули, а трансплантациите се изведоа вчера на 20 јули во утринските часови. Сите пациенти се во добра состојба и добро закрепнуваат. Ги чека долг пат и долга борба при закрепнувањето, но задоволни сме од тоа како се одвива лекувањето. Уште еднаш сакам да изразам сочувство и благодарност до семејството, кое во таква тешка состојба ја покажаа својата хуманост и ни дозволија да спасиме четири животи“, вели д-р Мојсовска Мијовска.
Оваа прва трансплантација во која од еден дарител се направени четри трансплантации учествуваа тимови лекари и медицински сестри од КАРИЛ, Клиниката за кардиохирургија, Клиниката за Кардиологија, Клиниката за Нефрологија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентрохепатологија, Клиниката за дигестивна хирургија и Институтот за трансфузиона медицина.
Елица Бочвароска