Три девојчиња годинава биле цел на сексуална експлоатација, изјави министерката Тренчевска

by Fokus

Годинава три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација, алани биле евидентирани девет случаи на трговија со луѓе, од кои осум женски и едно машко, информираше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на регионалната конференција: „Успешни заедно! Регионални увиди и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“ организирана преку проектот на Германско друштво за интернационална соработка „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан“.

Министерката рече дека најголем број од лицата се на возраст од 14 до 17 годишна возраст.

„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободата и безбедноста на секое општество. Нашата држава како и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговија со луѓе – како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите од регионот,  да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе, која е транснационален организиран криминал“ рече Тренчевска.

Министерството за труд и социјална политика преку секторот за еднакви можности, објасни Тренчевска, има улога на координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе (НМУ), којшто претставува рамка за соработка и координиран пристап помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор.

„Воспоставивме 5 мобилни тимови во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на Центрите за социјална работа,  претставници на Министерството за внатрешни работи националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани. Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати и се познати како добар пример, не само во нашата држава туку и во регионот“, изјави Тренчевска.

На регионалната конференција свои обраќања имаа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменикот амбасадор на Сојузна Република Германија, Ото Граф, директорот на ГИЗ во Република Северна Македонија Давид Оберхубер и директорот на MARRI, Сашко Коцев.

Поврзани новости