Културната манифестација Културно лето Карпош 2019 годинава ќе се слави три дена, од 29-ти до 31-ви август, и тоа на две локации, плоштадот „Делфина“, во Влае 2 и платото на „Млечен“, во урбаната заедница Владо Тасевски.
За време на тридневниот настан општината ангажирала десетици музичари кои ќе ја забавуваат публиката. Првиот ден ќе се прикаже детската претстава „Зеленковци“ во изведба на „Театар комедија“, а ќе настапат и Гуру Харе, Антониа Гиговска, Мики Јовановски – Џафер и Емилија Колоска. Вториот ден ќе започне со претставувањето на „Петко 5+ и Фамилијата“, а ќе продолжи со настап на меѓународен хор. Потоа следи концерт на музичката група Нокаут.
Третиот, финален ден од манифестацијата, следува настап на Марко Маринковиќ – Слаткар и перформанс на GP и Steffonator. Истата вечер ќе настапат и Александар Митевски и Дац, а Културно лето Карпош ќе биде затворено со концерт на Дани Димитровска и нејзиниот бенд.
Водител ќе биде Жарко Димитроски.
Настанот се организира по 12-ти пат. Лани настапија Бени и Нон Стоп, Дарио, Игор Џамбазов, Дани, Златко Ориѓански и Бени Шаќири, Гуру Харе и други.
Игор Џамбазов и Гуру Харе настапија и во 2017 година, исто како и Антонија Гиговска. Пред тоа пак, во 2016 година, покрај македонските музичари, на настанот свој концерт одржа и Хари Мата Хари од Босна. Годинава организаторите најавија дека акцентот го ставаат само на домашни музичари.
Вики Клинчарова