Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека три брода со жито денеска треба да ги напуштат украинските пристаништа, соопшти неговото министерство.
Првиот брод исплови од Одеса во понеделникот и за 36 часа пристигна во Босфор, според договорот меѓу Русија и Украина а во посредуваа Турција и ОН.
Договорот за непречена пловидба на бродовите со жито низ Црното Море треба да ја олесни глобалната криза со храна предизвикана од војната во Украина.
Акар вчера разговараше со украинските министри за одбрана и за инфраструктура за продолжување на извозот на жито, што го организира Заеднички координативен центар сместен во Истанбул.
-Резултат на интензивната работа и координација во Центарот е договорот нови три брода со жито да испловат од украинските пристаништа, рече Акар.
Тој, меѓутоа, не кажа од кои пристаништа ќе испловат бродовите, но додаде дека еден празен брод треба да замине за Украина откако ќе биде извршена инспекција во Истанбул.