Русковска и Муареми покажуваат како биле злоупотребувани институции, одговорност мора да има, бара ВМРО

by fokus

Гледаме од препукувањата помеѓу Вилма Русковска и Арафат Муареми како полека ќе почне да излегува сето она што го правеле, сето она што го ставале под тепих и мислеле дека нема да се дознае. Русковска и Муареми покажуваат како биле злоупотребувани институции, и тие обвинувања и индиции мора да имаат разрешница.

Мора да се види како наместо борба против криминалот, тие го правеле?!, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ за препукувањата меѓу шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми.

-Муареми и другите институции во системот мора да кажат дали и ако да, зошто биле злоупотребувани истраги од страна на финансиската полиција за рекет?

Дали се отворани предмети за да се држат под закана од прогон луѓе или фирми, а потоа откако ги дисциплинирале ги ставале во фиока?

Русковска пак треба да каже зошто молчеле до сега и од кога знае за таквите наводи?

Одговорност мора да има, и овој случај мора да се изведе до крај, велат од партијата.

Откако директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во средата најави дека до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска ги повикува сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави“.

Препукувањата меѓу двете институции почнаа откако Русковска нареди претрес во Финансиската полиција.

Поврзани новости