Македонски државјанин ќе се соочи со судска постапка во Италија поради инцидент во кој со комбе удрил стадо овци. Три животни биле погодени, од кои две угинале веднаш, додека третото било усмртено подоцна поради сериозноста на повредите.
Според локалните медиуми, настанот се случил на 25 април 2023 година на улицата „Виа Белведере“ во Касале сул Силе. Според обвинението, стадото се движело по патот во близина на домот на 36-годишниот Македонец, кој наводно бил вознемирен бидејќи не можел да помине со возилото.
Според италијанските власти, пред инцидентот тој му се обратил на сопственикот на стадото и му рекол да ги тргне овците, при што упатил и закана дека ќе ги прегази.
Набргу потоа, со комбе „Фолксваген Кеди“ влегол во стадото и удрил три овци. По ударот, возачот продолжил да се движи без да запре.
Сопственикот на животните, сепак, успеал да ја запамети регистарската табличка, по што истрагата довела до сопственикот на комбето – 26-годишен роднина на обвинетиот. Поради тоа што возилото било регистрирано на негово име, и тој првично бил опфатен со постапката.
На прелиминарното рочиште било утврдено дека роднината не бил присутен во моментот на инцидентот, по што бил ослободен од понатамошната постапка.
Обвинет останува 36-годишниот македонски државјанин, кој се товари за убивање туѓи животни и за упатување закана кон сопственикот на стадото.
Случајот веќе бил разгледан на прелиминарно рочиште, а главното судење е закажано за јуни 2028 година.