Третоодделенци од кумановско основно училиште одат во изолација

by fokus

Едно одделение од кумановското основно училиште „Христијан Карпош“ е во изолација, потврдија денеска надлежните од училиштето и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Дваесетина третоодделенци од „Христијан Карпош“ се во изолација откако позитивни на коронавирус биле учителка и професор по англиски јазик, информираше директорката на училиштето, Лидија Костиќ.

Таа нагласи дека се преземаат засилени мерки за дезинфекција во ова училиште, потенцирајќи дека ова е прв случај на изолација на одделение кое следи настава со физичко присуство. Информацијата ја потврди и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, но истакна дека генерално во училиштата, како и во градинките во Куманово засега е стабилна.

Вчера и општинскиот кризен штаб апелираше на почитување на мерките и оттаму нагласија дека се зголемува бројот на заразени млади лица и нивни семејства.

Димитриевски денеска апелираше граѓаните доследно да ги почитуваат мерките и препораките на Владата за превенција од ширење на коронавирусот. Тој во изјавата за медиумите истакна дека во Куманово во моментов расте бројката на заразени, затоа е многу важно, граѓаните доследно да ги почитуваат здравствените мерки донесени од Комисијата за заразни болести и Владата. Заразените добиваат помош од здравствениот систем, нагласи Димитриевски, истакнувајќи дека вклучени се и матичните лекари кои ги следат пациентите. МИА

Поврзани новости