Третина од германските инвеститори би ја напуштиле земјава

by fokus

Скоро една третина од странските инвеститори, или 30% од компаниите од германските компании би го преселиле бизнисот од Македонија во друга држава. Криминалот и корупцијата, неефикасната јавна администрација и нефункционалниот едношалтерски систем се најголемите пречки за работа во земјава, покажуваат резултатите од анкета за деловната клима за 2021/2022 година што ја спроведе Македонско-германското стопанско здружение од март до април годинава кај 30 свои членки.

Анкетата за деловната клима се спроведува по 17 пат во земјава, а паралелно се прави и во 13 други држави во Југоисточна Европа.

– Испитаните компании со најслаба оценка ја оценија борбата против корупција и криминалот. Но, сметаа дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки.

Даночниот систем, даночните оповарувања и наплатата на побарувањата се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години, Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, кој ги презентираше резултатите.

Компаниите биле најзадоволни од своите вработени и со највисока оценка ја оценуваат продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените.

Во земјава работат 200 компании со германски капитал кои вработуваат над 20.000 лица.

Поврзани новости