Средба со звуците на морето во „ЛА МЕР“

by Fokus 20:00
20:00

Во центарот на Скопје, на една од најраздвижените улици, веднаш до туристичката агенција „Савана“, случајно или намерно, се наоѓа „Ла мер“ или во превод море.

Сопствениците на „Ла мер“, како и сите луѓе, морето го доживуваат на повеќе начини.

Како митолошки симбол за човековиот исконски копнеж кон слободата и неограничениот простор за трагање и живот, до денешен синоним за потребниот мир, повремен и неопходен спој со природата или толку битен наш ресет за периодичен излез од секојдневното сивило.

Преку ден, место за неодоливо кафе и превкусни слатки задоволства, навечер место за едно незаборавно патување со прекрасна музика и закуска.

Почитувајќи ја музиката со сета ширина на светската музичка сцена, од уникатноста на француските шансони, преку американскиот џез, афроамериканскиот блуз и соул, кубанската латино-музика, шпанските фламенко и салса, до португалскиот фадо и италијанската канцона, ние во „Ла мер“ сме на патот на постојано трагање низ неа, барајќи ги своите истомисленици и меѓу нашите почитувани гости, раскажуваат сопствениците.

Таа музичка ризница, која со дел од пријателите-музичари, повремено и во живо „Ла Мер“ им ја доближува на гостите, секојдневно пловејќи додека не се создаде време и начин да допреме до вистинското море.

– Секако дека на нас влијаеше и песната на францускиот композитор, текстописец и шансониер Шарл Трене од 1946 година, која музички целосно ги доловува чувствата на таа непрекината љубов на човекот кон морето, песна која несомнено остави и своја трага врз современата музичката сцена како една од најпознатите француски шансони во дваесеттиот век, велат тие.

И додека уживате во музиката, прекрасното вино и разговорот со пријателите во „Ла мер“, за миг ќе заборавите на жешкиот асфалт и ќе се препуштите на уживањето.

– Секојдневно се обидуваме да го ублажиме големото исчекување кај секој „континенталец“ меѓу нас, кој со желба го очекува секое лето за да ја оствари сопствената цел за средба со морето. Впрочем токму тоа со уникатната глума го долови и маестралниот Роуан Аткинсон во својот незаборавен филм „Одморот на Мистер Бин“, чија, пак, главна музичка тема е повторно – токму песната на Шарл Трене, „Ла Мер“, додаваат сопствениците.

LA MER – МОРЕ
(превод)

На морето,
што танцува долж кристалните заливи,
додека му се посребрува трагот.
Морето,
чиј отсјај се менува на дождот.

Морето,
на летното небо,
кое ги сплотува своите бели овчички,
со ангелите небески.
Морето,
пастирот на бескрајното синило.

Погледнете ги,
на крајот од плитката вода,
оние високи, влажни трски.
Погледнете ги,
тие бели птици и древни куќи.

Морето
ги прегрнало долж кристалните заливи.
А со песната на љубовта,
Морето,
го утеши моето срце засекогаш.

Поврзани новости