Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за периодот од 15.09.2017 до 15.03.2018 година денеска е на дневен ред на продолжението на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Ова ќе биде трет обид на пратениците да чујат од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева што сработило ова обвинителство и со какви предизвици се соочуваат.
Образложувањето на Извештајот на СЈО пред членовите на Комисијата беше два пати одлагано. Последниот пат пратениците се оправдаа дека мораат да ја одложат седницата затоа што не го добиле извештајот во писмена форма, иако истиот е веќе два месеци достапен за јавноста преку сајтот на СЈО, но и преку веб страната на Собрание.
Врз основа на Извештајот во овој шестмесечен период СЈО завело 136 предистражни постапки, отворило седум нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија. Во истиот период, СЈО отворило седум нови истражни постапки против вкупно 17 физички лица.
СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови со кои располага односно 85 отсто од „бомбите“ предадени од Зоран Заев, при што изработени се 1.784 транскрипти.