Тренчевска: Одредбата за 60-часовна работна недела би била неуставна ако се однесува на сите работници

by Fokus

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека со измените и дополнувањата на Законот за работни односи, поврзани со коридорите 8 и 10д и 60-часовната недела се предвидува ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност. Таа рече дека понекогаш процесите за изградба на инфраструктура бараат итност, а некои не можат да се прекинат. Оваа одредба би била неуставна, додава таа, ако се однесува на сите работници.

„Се работи за стратешки проект и од национален интерес за државата. Се работи за прекувремена работа исклучиво со согласност на работникот и не се работи за прекувремена работа на сите ангажирани работници туку се работи за прекувремена работа само доколку процесот го бара тоа. Во градежништвото особено во инфраструктурата има одредени процеси што бараат итност и во тие случаи ќе имаме прекувремена работа на работникот којашто ќе биде платена согласно законската регулатива во државата, меѓутоа прекувремена работа исклучиво само со согласност односно доколку работникот е согласен, изјави Тренчевска во Прилеп.

Министерката рече дека „кај нас неделното работно време е 40 часа. Овде велиме за исклучителни проекти, за проекти кои се од стратешки и национален интерес на државата. Не за сите работици. Само онаму каде што процесот бара да биде завршен во одредено време, затоа што во градежништвото има процеси каде што не се дозволува да има одмор туку додека не се заврши процесот да се работи“.

Поврзани новости