Осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој се наоѓа во бегство во Унгарија, вчера постираше трејлер од филм кој никогаш не беше снимен, а кој доби средства од државата. Серијата „Македонија“ требаше да има 80 епизоди, а првата сезона да биде испорачана во септември 2017 година. До денеска нема ништо од тоа.
Груевски ги цитира зборовите од трејлерот на филмот: Македонија е љубовна приказна… А во љубовта, среќата и болката одат заедно“. И тоа се единствените познати реплики. До денеска не се знае дали филмот имал сценарио, дали имал режисер, кој е составот на актерската екипа, на кои локации е снимена и.т.н.
За време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ Агенцијата за филм одобрила да ја буџетира оваа продукција со 4,6 милиони евра. Во неколку анекс договори со продуцентската куќа „Јадран филм“ на Винко Грубишиќ, бројот на епизоди се намалил од 130 на 80, но средствата останале исти.
На „Јадран филм“ и биле исплатени 1,1 милион евра, додека останатите средства требало да се исплаќаат последоватолно. Кога во 2017 година на власт дојде СДСМ, немајќи ниту сиров материјал од снименото, а со пробиени рокови од страна на „Јадран филм“, Владата одлучи да го раскине договорот и да ги побара парите назад. Сепак успеа да врати само дел, односно 300.000 евра.
Од серијата со име „Македонија“ денеска има само две видеа објавени на You tube каналот на крајот во 2017 година. Првото видео е трејлерот, кој не дава јасен приказ за содржината на некаков филм, а второто видео е исечок од сцена која наводно требало да биде забранета.
Инаку, во тек е судска постапка меѓу Агенцијата за филм и „Јадран филм“ во врска со раскинување на договор. Продуцентската куќа го тужи директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, затоа што го раскинал договорот без одлука на Управниот одбор на Агенцијата.