Треба да го заплениме рускиот имот пред американските избори, вели премирката на Естонија

by Fokus

Премиерката на Естонија, Каја Калас рече дека Западот треба да ги заплени замрзнатите средства на Русија пред изборите во САД, што е дополнителен знак на европска загриженост за влијанието што може да го има втората победа на Трамп врз западната политика кон Русија и поддршката за Украина.

„Изборите се секогаш турбулентни времиња“, изјави Калас за Фајненшл Тајмс на маргините на Минхенската безбедносна конференција. „Секогаш е подобро да направиме се што можеме пред важни избори“, додаде таа.

Изгледите Доналд Трамп да стане кандидат на Републиканската партија за овогодинешните претседателски избори во САД исплаши многумина во Европа, особено откако тој рече дека ќе и каже на Русија да направи „што сака“ за земјите од НАТО кои не потрошиле доволно за одбрана.

Очигледната подготвеност на Трамп да фрли сомнеж на клаузулата за заемна одбрана на НАТО фрли долга сенка врз овогодинешната Минхенска безбедносна конференција, годишен собир на политичари, генерали и шефови на шпиони.

Конференцијата оваа година се одржа во услови на зголемен песимизам за перспективите на Украина во нејзината речиси тригодишна војна со Русија. Украина се бори со недостиг на муниција што ја намали нејзината способност да се спротивстави на Русија на бојното поле.

Западните лидери велат дека ситуацијата е влошена од републиканското противење на новиот пакет помош за Украина, кој со месеци е закочен во американскиот Конгрес.

Украинските воени водачи им наредија на своите војници да се повлечат од градот Авдијивка на фронтот во текот на викендот.

Белата куќа по телефонскиот разговор меѓу претседателот Џо Бајден и неговиот украински колега Володимир Зеленски соопшти дека украинските војници „морале да ја ограничат муницијата поради намалените резерви, како резултат на неактивноста на Конгресот“.

Поврзани новости