Министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас денеска изјави дека постојат „многу силни докази“ дека рускиот претседател Владимир Путин е „воен злосторник“.
Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера го нарече рускиот претседател „воен злосторник“, а Трас за радио Би-Би-Си изјави дека не мисли оти тоа е грешка.
– Постојат многу, многу силни докази дека се извршени воени злосторства и дека Владимир Путин стои зад нив, истакна шефицата на британската дипломатија.
Трас нагласи дека Велика Британија „ги собира тие докази на терен за да се увери дека Путин е одговорен за овие злосторства“.
Таа додаде и дека Меѓународниот кривичен суд треба да одлучи кој е, а кој не е воен злосторник.
Зборувајќи за актуелниот конфликт во Украина, Трас истакна дека Велика Британија не направила доволно за да го спречи Путин.
– Не направивме доволно за да го спречиме Владимир Путин и сега гледаме дека се случуваат овие ужасни злосторства кои го прекршуваат меѓународното право, изјави министерката.
Таа порача дека Британија ги „предводеше“ напорите за испорака на оружје во Украина и воведување санкции кон Русија.
Британската министерка посочи дека би сакала да види поостри санкции кога се во прашање банките, нафтата и гасот.
– Ако успее во Украина, веројатно ќе видиме дополнително уништување низ цела Источна Европа, заклучи Трас.