Во јавна и транспарентна постапка, земјиштето кај Авто Македонија му беше продадена на друштвото кое понуди највисока цена. Ова е реакцијата од Министерството за транспорт и врски, предводено од министерот Миле Јанакиески, кон обвинувањето на СДСМ дека продале државно земјиште за осум пати пониска цена од пазарната.
„На јавното наддавање беа пријавени две фирми и тоа „Никофон“ и „Сити Централ Интернационал“. Почетната цена на земјиштето беше 1.850 денари по метар квадратен, а преку јавното наддавање парцелата беше продадена за 6.150 денари по метар квадратен што претставува неколкукратно зголемување. Компанијата што понуди највисока цена го купи земјиштето за 7.656.750 денари“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ претходно рекоа дека купувачот „Никофон“ го ставило ова земјиште под хипотека за кредит од над 300.000 евра, па со оглед на тоа што банките даваат кредит во износ од една третина од износот на заложениот имот, проценуваат дека вистинската вредност на земјата купена за 126.000 евра всушност е околу еден милион евра.
Но, од Министерството за транспорт и врски тврдат дека компанијата за овој кредит не го ставила под хипотека само овој имот, туку уште две недвижности – деловeн објект на улица Македонија од 150 метри квадратни и уште еден простор на истата улица од 29 метри квадратни.