Американските научници објавија дека успеале да го продолжат животот на глувците и да ги направат поздрави со трансплантација на ген за кој се верува дека е важен за долговечноста и здравјето на голите кртови стаорци.
Продолжувањето на животот, а особено подобрувањето на квалитетот на животот во староста, денес е еден од светите гралови на медицината, меѓу другото токму поради тоа што луѓето живеат подолго и подолго.
Голиот крт стаорец е глодар од семејството кртови стаорци распространето во субсахарска Африка. Тие се со големина на глувци, живеат под земја и се речиси слепи, а името го добиле по тоа што нивната кожа е речиси целосно гола, збрчкана и без влакна.
Тие се познати по својата долговечност и исклучителна отпорност на болести поврзани со староста, поради што со години го привлекуваат вниманието на научната јавност. За разлика од многу други видови, тие ретко страдаат од невродегенеративни болести, кардиоваскуларни заболувања, артритис и малигни тумори за време на стареењето. Живеат околу четириесет години, што е десет пати подолго од нивните блиски роднини, глувците.