Трамп од Орбан побара укинување на ветото за членство на Украина во ЕУ

by irena 08:59
08:59

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот телефонски разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан за да го придобие во поддршката за членство на Украина во Европската Унија.

Разговорот уследил по средбата во Белата куќа меѓу Трамп и европските лидери, на која присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европските претставници го замолиле американскиот лидер да ја искористи својата блискост со Орбан за да го убеди да се откаже од ветото на украинското членство во ЕУ – цел што Киев одамна ја посакува.

Според информациите, Унгарија изразила подготвеност да биде домаќин на следниот самит, на кој би учествувале Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп ја поддржал идејата за ваква средба, по која би следел и трилатерален состанок меѓу двајцата лидери и американскиот претседател. Засега не се познати времето и местото на одржувањето.

Весникот „Политико“ јави дека Белата куќа разгледува можност трилатералната средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски да се одржи во Будимпешта.

Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, во повеќе наврати се обидувал да го блокира или забави европското финансирање на оружје за Украина, како и воведувањето санкции против Кремљ. Ни Белата куќа, ниту канцеларијата на Орбан засега не ја коментираа телефонската комуникација, посочува Блумберг.

Унгарскиот премиер вчера преку Фејсбук порача дека членството на Украина во ЕУ „не обезбедува никакви безбедносни гаранции“ и дека „поврзувањето на членството со гаранции за безбедност е непотребно и опасно“.

Слични вести