Трактористите ги игнорираат укажувањата на полицијата, ставени на ризик човечки животи бидејќи не купуваат задни фарови!

by Fokus

Во ек на гроздоберот во Тиквешијата, но и поради манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер 2023” на која доаѓаат илјадници посетители, уште пред четири дена Отсекот за превенција при Сектор за внатрешни работи Велес, реализираше превентивна активност на подрачјето на Кавадарци и на возачите на трактори и приколки им укажуваше дека треба да ги почитуваат законските одредби од Законот за возила особено во поглед на нивната техничка состојба.

На возачите на трактори и друга земјоделска механизација им беше укажувано за почитување на законските одредби од Законот за возила, особено во поглед на нивната техничка состојба. Се апелираше до сите возачи да бидат одговорни во сообраќајот, да ги доведат своите возила во исправна техничка состојба во поглед на светлосната сигнализација, како и уредите за управување и кочење, а се со цел безбеден сообраќај.

Но, и покрај апелите на СВР Велес, голем дел од возчите на трактори си продолжуваат со старата пракса – возат без исправна или пак без било каква задна сигнализација, како на тракторите, така и на приколките, плуговите и другата прикачена механизација.

За да биде ризикот за сите учесници во сообраќајот уште поголем, овие неосветлени возила се управуваат и во тек на ноќ, кога се враќаат од истовар на грозје, но и во рани утрински часови, додека не е разденето, кога одат на лозјата.

Не се мисли за последиците, нит пак за трагичните настани, неретко и со смртни последици кои секоја година се случуваат токму поради неосветлените трактори.

И синоќа, на патниот правец Кавадарци – Неготино, и тоа после полноќ можеа да се забележат трактори со неосветлени приколки, и покрај сите советувања од СВР Велес, посебно поради тоа што поради општинската манифестација во регионот е доста раздвижено.

Долги колони од возила на овој правец, кои успорено се движеа поради тракторите, но и нетрпеливи возачи, кои не знаејќи зошто е успорен сообраќајот, претекнуваа, без да бидат свесни за опасноста.

Како што можеше да забележи дел од екипата на ,,Фокус”, двајца полициски службеници беа присутни на излезот од Кавадарци кон Неготино. Долж целиот пат, немаше ниту една полициска контрола, а немаше ниту на влезот во Неготино, ниту пак во центарот на градот, околу еден часот по полноќ, па неосветлените трактори слободно во тек на ноќ и покрај тоа што се во неисправна техничка состојба, активно учествуваат во сообраќајот.

Доведувањето во ред на светлосната сигнализација е нешто за кое се потребни многу малку финансии. Наспроти ниската цена на фаровите, огромен е ризикот врз безбедноста и животот, не само на трактористите, туку и на сите учесници во сообраќајот.

Секоја година во овој период од годината актуелни се реакциите на граѓаните кои прашуваат зошто неисправните трактори не се исклучуваат од сообраќај и се дозволува да бидат огромна опасност на патиштата.

Инаку, казната за управување на трактор со неисправна светлосна сигнализација изнесува околу 200 евра, но очигледно дека трактористите не се плашат, и самоуверено продолжуваат со прекршоците кои неретко се плаќаат со живот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости