Трајковски во изборна кампања асфалтира улици во Стајковци

by fokus

Во ек на изборна кампања, која стартуваше во понеделникот, во поплавениот дел од Стајковци, вчера од страна на општината биле асфалтирани неколку улици, што е забрането со одредбите од Изборниот законик, освен ако за тоа претходно не биле обезбедени средства од буџетот.

Граѓани, до редакцијата на „Фокус“, испратија фотографии на кои се гледаат тазе асфалтираните улици, делот на Стајковци, кој беше зафатен со поплавата. Како што посочуваат нашите соговорници, на една од фотографиите е и Тони Бојковски, актуелниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба и носител на советничката листа за овие локални избори.

Во Изборниот законик, во член 8-а став 1 пишува:

…Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може: – да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал; – да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Го побаравме градоначалникот Тони Трајковски да објасни зошто овие улици се асфалтирани во екот на изборната кампања и дали за нив претходно биле обезбедени средства од буџетот, со што на еден начин бил се легализирале превземените активности, но Трајковски не одговори на нашите телефонски повици и порака.

В.В.

 

Поврзани новости