Кои анкетари беа најточни на минатите избори: Најтoчна беше агенцијата Рејтинг

by Fokus

Автор: Роберт Несими

Наредните месец и пол, Македонија повторно ќе ги помине под изборна треска. На 15 и на 29 октомври ќе се одржат првиот и вториот круг од локалните избори, а во меѓувреме граѓаните повторно ќе треба да ги следат сите придружни феномени на изборните циклуси. Значаен дел од тоа се анкетите, вообичаено најконфузниот изборен феномен, главно поради неодговорноста, пристрасноста и лажната слика што одредени анкетари по секоја цена се трудат да ја наметнуваат кај електоратот. Поради тоа сметам дека пред локалните избори неопходно е да се направи преглед на точноста на анкетарите од минатите избори, со што граѓаните би биле поинформирани кога ќе ги читаат прогнозите на анкетарите во овој изборен циклус.

Рангирањето анкетари во ваква комплексна политичка ситуација воопшто не е едноставна работа. Некои, на пример, може да ги погодат резултатите кај македонскиот блок, но да грешат кај албанскиот, некои промашуваат во обратен правец, некои ги погодуваат големите партии, но не малите и така натаму. Додатен проблем е излезноста на избори. Неисчистените избирачки списоци и големиот број гласачи што живеат надвор од земјата и се недостапни за анкетарите, ја отежнуваат прогнозата за излезност и следствено бројот на гласови кои би можеле да ги добијат партиите. Понатаму анкетите не се стандардизирани; некои ги дават само процентите на партиите, некои дозволуваат опции, како „неопределен“, „ниедна“, „не гласам“ итн. Од овие причини, најточно и најкоректно е да се види дали анкетарите успеале да го погодат односот на силите меѓу партиите, оставајќи ги настрана неопределените и граѓаните што одговараат дека нема да гласаат.

Со оваа метода, значи имајќи ги предвид само определените, ги споредив прогнозите на анкетарите пред изборите со резултатот од изборите. Во периодот пред изборите имаше 6 активни анкетари, а за секој од нив земена е предвид само нивната последна анкета. Се разбира, смешните интернет-анкети не се воопшто вклучени во анализата. Еве како изгледа табелата на прогнозерите во споредба со резултатот за партиите што добија пратеници:

 

Партија Брима-Галуп Рејтинг Фактор Плус Адриа Павел Шатев Телма (М-Проспект) Димитрија Чуповски Резултати
ВМРО 43.8% 37.6% 36.9% 48.6% 37.6% 47.1% 38.0%
СДСМ 28.4% 35.8% 30.9% 28.3% 31.3% 25.1% 36.8%
ДУИ 11.0% 8.6% 8.3% 8.4% 10.7% 9.5% 7.3%
ДПА 5.1% 3.5% 5.9% 4.0% 5.3% 3.7% 2.6%
Алијанса 4.2% 3.4% 0.0% 2.6% 3.1% 3.0% 3.0%
Беса 5.4% 4.0% 1.3% 5.6% 4.4% 6.5% 4.9%

 

Во долната табела се дадени грешките на секој анкетар за секоја партија. Предзнакот минус значи дека анкетарот ја потценил партијата, а предзнакот плус дека ја преценил, односно дека анкетарот е пристрасен за таа партија:

 

Партија Брим-Галуп Рејтинг Фактор Плус Адриа Павел Шатев Телма (М-Проспект) Димитрија Чуповски
ВМРО 5.8% -0.4% -1.1% 10.6% -0.4% 9.1%
СДСМ -8.4% -1.0% -5.9% -8.5% -5.5% -11.7%
ДУИ 3.7% 1.3% 1.0% 1.1% 3.4% 2.2%
ДПА 2.5% 0.9% 3.3% 1.4% 2.7% 1.1%
Алијанса 1.2% 0.4% -3.0% -0.4% 0.1% 0.0%
Беса 0.5% -0.9% -3.6% 0.7% -0.5% 1.6%

 

Од оваа табела веќе може да се забележат одредени тенденции. Во македонскиот блок имаше генерална тенденција да се прецени ВМРО и да се потцени СДСМ, што е особено видливо кај двете анкетари блиски до ВМРО: Павел Шатев и Димитрија Чуповски.

Кај албанскиот блок секаде се фаворизирани ДУИ и ДПА, а за Беса и Алијанса скорот е побалансиран. Најбалансирана анкета беше таа на Рејтинг, што може да се види и со подолното рангирање.

Рангирање. За да се направи добро рангирање, не е возможно да се пресмета прост аритметички просек, бидејќи на тој начин позитивните грешки се анулираат со негативните. Без да навлегуваме во математички детали (доволно е да се каже дека е земен коренот од збир на квадрати), еве го рангирањето на анкетарите, од поточните кон неточните:

 

Место Анкетар Пресметана грешка
1 Рејтинг 2.1%
2 Телма (М-Проспект) 7.0%
3 Фактор Плус Адриа 8.3%
4 Брима-Галуп 11.3%
5 Павел Шатев 13.7%
6 Димитрија Чуповски 15.1%

 

Наредните две табели го дават рангирањето за македонскиот и албанскиот блок партии одделно:

Рангирање – македонски блок.

Место Анкетар Пресметана Грешка
1 Рејтинг 1.0%
2 Телма (М-Проспект) 5.5%
3 Фактор Плус Адриа 6.0%
4 Брима-Галуп 10.2%
5 Павел Шатев 13.6%
6 Димитрија Чуповски 14.8%

 

Рангирање – албански блок.

Место Анкетар Пресметана Грешка
1 Рејтинг 1.8%
2 Павел Шатев 2.0%
3 Димитрија Чуповски 3.0%
4 Телма (М-Проспект) 4.4%
5 Брима-Галуп 4.7%
6 Фактор Плус Адриа 5.8%

 

Со преглед на сите овие табели станува јасно кои анкетари треба да се читаат сериозно, а кои не. Најдобар анкетар, како во македонскиот, така и во албанскиот корпус, без сомнение беше агенцијата Рејтинг. Павел Шатев и Димитрија Чуповски треба да се земат со голема доза резерва кај македонскиот блок, но се нешто поблиску кај албанскиот. Обратното може да се каже за тандемот Телма-М Проспект.

За крај треба да се додаде дека една специфична анкета издаде институтот ИПРГ, но таа го мереше рејтингот на партиите само во албанскиот блок. Оценувањето на оваа анкета е отежната од фактот што е тешко да се каже точно колку Албанци излегоа на избори (поради гласањето на албанците за СДСМ), а додатно на тоа анкетата беше објавена во октомври, пред да се создадат коалициите во албанскиот блок. Но, ако претпоставуваме дека на избори гласаа околу 250.000 Албанци, анкетата прогнозираше околу 78.000 гласови за ДУИ, 58.000 за Беса, 36.000 за ДПА и околу 30.000 за ДР-ДПА. Тоа значи дека анкетата беше респектабилна со исклучок на пермутацијата на местата меѓу ДПА и ДР-ДПА.

Анализата е првично објавена на албански јазик во порталот Порталб: http://portalb.mk/448275-cilet-anketues-ishin-me-te-sakte-ne-zgjedhje

Колумната излегла на Порталб

 

 

Поврзани новости