Трајковски: Веќе сме во нов бран на Ковид-19, врвот би бил околу 10 септември

by fokus

Веќе се наоѓаме во нов бран на корона вирусот, а врвот се очекува на 10 септември. Ова за „Фокус“ го појаснува професорот по теоретска механика на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Дејан Трајковски, кој од почетокот на пандемијата прави пресметки и анализи за ширењето и последиците од Ковид-19.

По денешниот скок на бројот на заразени на 164, Трајковски вели дека не е изненаден од зголемениот број на заразени, вчера беше неработен ден, но според него, бројката требало да се движи околу сто. За тоа кога да го очекуваме следниот бран, тој вели дека новиот бран веќе не зафатил.

-Новиот бран почна на 10 јули, кој врвот би го достигнал околу 10 септември, а вториот врв околу 10 октомври, но можно е и да се преклопат во еден. Во тој период ќе почне да заладува, учениците ќе тргнат во училиште, ќе се оди на работа, поради што и очекувано вирусот ќе се шири.
Можно е да има експлозивен раст на бројот на заразени, и тоа повеќе од лани, но очекувам заразените да бидат со полесна клиничка слика, со оглед на тоа дека дел од населението ја прележа заразата, а дел се вакцинирани, вели Трајковски за „Фокус“.

Сепак, како што додава сме немале никаква шанса да прескокнеме новиот бран.

-Немаме доволно прележани, ниту вакцинирани, за да го спречиме новиот бран, односно не постигнавме колективен имунитет. Она што е непознато, е каков притисок врз болниците ќе направи новиот бран и колкава ќе биде смртноста, вели Трајковски.

В.В.

Поврзани новости