По повод текстот објавен најновиот број на неделникот Фокус за составот на одборите во државните компании и јавните претпријатија, Генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски реагира во однос на делот каде се пренесуваат јавните обвинувања на неговиот колега Џеват Исени, кој од позиција на претседател на Одборот на директори на друштвото го обвинува за незаконски вработувања, наместени тендери, за недомаќинско трошење на јавните средства…
-Јавно го повикувам да каже кое вработување и кое лице е вработено спротивно на Законот за работни односи, како и која јавна набавка е спровдена спротивно на законот за јавни набавки. Што се однесува за делот на трошењето на службени средства го потсетувам дека моите службени трошоци се објавени на веб-страната www.adsdp.mk и јавно се достапни за секој граѓанин – вели генералниот директор на поранешен ПУИК.
Тој додава претседателот на Одборот на директори Исени го клевети како резултат на неможноста да ги реализира неговите лични интереси, што, според него, резултира со опструирање на работата на одборот во насока на неносење на одлуки од суштинско значење за друштвото.
-Јас како Генерален директор и понатаму останувам посветен на моите цели и задачи, а тоа се почитување на законските прописи и носење добри деловни одлуки за успешно работење и финансиско закрепнување на друштвото. Покрај претходното, до Исени од моја страна е поднесено писмо во кое барам јавно извинување за искажаните клевети, во спротивно ќе бидам приморан да поведам соодветна правна постапка во насока на заштита на мојот личен интегритет и углед – истакнува Трајковски.
В.С.