Шеќеринска: Не ни требаат само нови министри и директори, туку промена на системот

by Фокус

Мислам дека ова е прашање кое никој од нас не може објективно и чесно да го одговори. Дури мислам дека е некако невоспитано да секој од нас си кажува за себе. Она што знам е дека како држава овие две години успеавме многу работи да ги промениме до непрепознавање, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за Инбокс7, одговарајќи на прашањето дали очекува да биде сменета во рамки на реконструкцијата што ја најави премиерот Зоран Заев.

-Имате ситуација на медиуми кои што се гласни, критични слободни и во принцип сконцентрирани да ги бараат грешките на власта, а не на некој друг. Имаме претседателски избори, локални избори и референдум, кој што за прв пат по толку години ни поминуваат со највисоки оцени кај странските и домашните набљудувачи. Имаме влада која што ниту еден податок не може да скрие токму поради притисокот на јавноста. Влада која што не ја напаѓа јавноста, туку прима напади од неа, како што би требало да биде во нормална демократија и држава која што претставува сега репер за сите земји од западниот Балкан, де факто членка на НАТО и држава која се подготвува за преговори со Европската Унија. Има и многу работи кои не ги завршивме и сега кај тие работи кои не ги завршивме треба да направиме не само кадровски промени, треба нешто да промениме во системот, затоа што и нов министер и нов директор со ист систем повторно ќе биде неуспешен – вели Шеќеринска.

Според неа, потребно е целосно да се раздрма државната управа како во највисоките ешалони, така и во пониските слоеви во администрацијата.

-Сите кои работат да сфатат дека кога ќе се вработиш во администрација не добиваш само плата, туку и одговорност и дека таа одговорност не е ливчето да му го предадеш на колегата и да му кажеш не е до мене. Најлесно е да кажеш не е до мене. И со право граѓаните, бизнисите се лутат и се критични кога гледаат дека институциите играат пинг-понг со нив. Тоа не е грешка само на некој министер или директор. Системот толку станал трул, толку станал зависен од добрата волја на администрацијата, некој ќе го крсти добра волја, некој корупција можеби, што ако тој дел не го промениме, ниту една метла нема да биде доволна за граѓаните – вели Шеќеринска.

Поврзани новости