Павле Трајанов е реизбран за претседател на Демократскиот сојуз на денешниот шести Конгрес што се одржа во хотелот Белви, на кој учествуваа 350 делегати и гости. Трајанов ги презентираше своите програмски приоритети под мотото „За Европска Македонија“ и учеството на претстојните парламентарни избори.
-Демократскиот сојуз повеќе од дваесет години опстојува на политичката сцена, препознатлив е по своите принципиелни ставови, објективност и искреност. Ние ниту едно значајно прашање не премолчуваме, за се имаме свој став и тој им го соопштуваме на граѓаните – рече Трајанов.
Тој истакна дека приемот во НАТО е од огромна важност за стабилноста на државата, владеењето на правото и економскиот развој, а одлуката на ЕУ за започнување на пристапните преговори, според него, ќе ги забрза демократските процеси и севкупниот развој на Македонија.
-Промената на името на Република Македонија е најтешката и најризичната одлука за која следните генерации од историска дистанца ќе можат да дадат објективен суд дали ја зајакнале независноста и отвориле перспективи на Македонија. На сите ни е јасно дека без договорите со Грција и Бугарија далеку ќе бевме и од НАТО и од ЕУ, и затоа сум против ретроградните идеи со кои се најавува ревизија на договорите, судење за велепредавство – порача Трајанов.
Тој посочи дека врвен приоритет во дејствувањето на ДС ќе бидат младите, со, како што рече, реални системски решенија и конкретни проекти.
-Ќе се формира посебен фонд со кој младите ќе управуваат за отворање нови бизниси и ќе можат да ги реализираат своите идеи. Демократскиот сојуз во парламентот ќе предложи нов Закон за борба против организираниот криминал, со конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана за политичко дјествување – рече Трајанов, најавувајќи и уставни промени за прецизно дефинирање на одговорноста на судиите и обвинителите.
Воедно, старо-новиот лидер на ДС истакна дека понатамошната соработка со партнерите од коалицијата „Можеме“ ќе зависи од реализација на предизборниот договор во рок од 3 месеци после изборите Македонија да биде една изборна единица.