Врз основа на анализите и досегашната соработка со другите партии, кај повеќето општински организации преовладува ставот за самостоен настап на изборите, но се и за соработка со партии со сродна определба и програми, вели за Фокус лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, откако вчера објавивме дека ДС постигнал начелен договор со ЛДП и ДОМ за заеднички настап на локалните избори.
-Отворени сме за соработка со ЛДП и ДОМ, како и со други партии, поединци успешни во своите професии почитувани во средините каде што работат и живеат и со висок интегритет – изјави Трајанов, посочувајќи дека, согласно јавниот повик, кандидатите за градоначалници треба до крајот на август да подготват изборни програми во консултација со граѓаните, невладиниот сектор, анализите на експертите, како и анализите во медиумите.
Тој додава дека овој процес на кандидатура на градоначалници ќе биде транспарентен и, како што истакнува, ќе се потпира врз сондажа на мислењето на граѓаните.
-Во суштина, промовираме формираме нова политичка сила, подготвена за промени, борба против урбаната мафија, создавање на еколошка здрава средина и економски развој на локалните единици. Имаме огромна поддршка за пресврт во политичкото дејствување и пораз на погубните политики, како и афирмација на националните и стратешките интереси на државата – истакнува Трајанов.
Како што објави Фокус, оваа тројна коалиција во најава планира да настапи со заеднички советнички листи, но и со заеднички кандидати за градоначалници во многу општини низ државата, со цел да биде алтернатива на СДСМ и ВМРО, но и на Левица.
В.С.