741
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, носител на кандидатската листа за пратеници од првата изборна единица, од Водно, најави дека ќе бара одговорност од поранешниот премиер Никола Груевски, за проектот Сончев град.
-Од лукративни мотиви дал налог да се гради Сончев Град на Водно, со што е направена деградација на Водно, уништен е шумски фонд и се случуваат огромни разорувања и ерозија каде што поминува патот, при што потпорните ѕидови попуштиле и не е направена огромна штета. Ова е класичен пример на самоволие, ароганција и алчност. Да се потрошат десетици милиони евра за да оствари профит странска компанија и притоа да се уништат “Белите дробови” на Скопје е злосторство спрема сопствениот народ. За оваа коруптивна и анти граѓанска зделка мора и ќе има одговорност, изјави денеска Трајанов.
Тој додаде дека идејата за пошумување (Ден на дрвото) е прифатена од граѓаните, но власта ја узурпира, исполитизира и климинизира.
-Многу пари се потрошени, украдени, но зеленило нема. Коалицијата за Промени и Правда има програма, со која се предвидува гасификација на Македонија, како битен предуслов за заштита на шумите и намали загадувањето, рече Трајанов.
Тој побара одговорност и за проектот „Скопје 204“.
-Од лице место на најконтроверзниот и криминален проект Скопје 2014, објавувам дека целосно ќе го имплементираме проектот ДЕКРИ со кој ќе обезбеди систем за над шест милијарди евра, украдени од функционери, да бидат вратени на граѓаните. Тие милијарди низ судска постапка ќе бидат конфискувани и вратени директно на граѓаните. Не во Буџетот на државата, туку по 3.000 евра на секој граѓанин, заклучи Трајанов.
Весна Стоименовска, носител на третата изборна единица зборуваше за економската програма при што нагласи дека ќе обезбедат 2% од Буџетот за проекти за вработување на младите .
-Предвидуваме отворање на над 30.000 мали фирми во кои ќе се вработат од 3 до 5 млади и стручни кадри или над 100.000 нови работни места, рече Стоименовска
Павле Трајанов ги повика граѓаните да гласаат за Коалицијата за Промени и Правда, која, според него, ќе обезбеди стабилност, владеење на правото и економски развој.