Во пресрет на утрешната расправа за безбедноста и тероризмот, што се одржува во Скопје помеѓу ЕУ и Балканските држави, Демократскиот сојуз ја иницира потребата од формирање на Балканска коалиција за борба против тероризмот и организираниот криминал, вели Павле Трајанов од Демократски Сојуз.
„Во оваа коалиција треба да бидат вклучени сите Балкански држави: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Грција.
Воедно предлагаме да се формира и Балкански центар за борба против тероризмот и организираниот криминал со седиште во Скопје, каде ќе се слеваат и обработуваат сите информации и ќе се дејствува превентивно.
Тероризмот е сериозна безбедносна закана за Балканските држави, затоа е неопходно државите поблиску да соработуваат, додека организираниот криминал разорно дејствува на демократскиот и економскиот развој.
Криминалот ги кочи и евроинтеграциските процеси на државите аспиранти за влез во ЕУ од таканаречениот Западен Балкан“, додава Трајанов.