Покрената е истрага за смртта на Британецот кој наводно бил погоден од гром додека сурфал на ветер во Грција. Неименуваниот маж бил во морето покрај плажата во Агиа Агата на Родос, додека неговата девојка го снимала од плажата, објавија локалните медиуми.
Пристанишната управа на Родос потврди за новинската агенција PA дека починатиот е на возраст од 26 години и е британски државјанин, но не даде дополнителни информации.
Грчкиот весник „Родијаки“ објави дека гром удрил во водата во близина на човекот во понеделникот непосредно пред 13:30 часот по локално време, по што тој паднал во водата.
Службите за итна помош веднаш излегле на местото на настанот, а неименуваниот маж бил донесен на брегот каде спасувачите се обиделе да му го спасат животот.
Еден од луѓето кои се обиделе да го спасат мажот рекол дека откако го забележал Британецот во неволја, го фрлил телефонот и целосно облечен истрчал во морето.
– Само што му се приближив, видов дека лицето му е во вода и дека лицето му е помодрено. Веднаш сфатив дека секоја секунда е пресудна и почнав да го влечам на брегот. Бев загрижен да не ми се случи истото бидејќи се уште врнеше, но не престанав – рекол тој.
Како што рекол, кога го извлекол, почнал да му дава прва помош.
-Почнав да му давам прва помош, да го масирам и се друго што знаев. Човекот сè уште беше жив, му го слушав срцето и имаше пулс. Спасувачите пристигнале за кратко време и ги извршиле сите зафати за реанимација за да го одржат во живот – рекол мажот, пренесува Lad Bible.
Меѓутоа, кога бил пренесен во најблиската болница, лекарите можеле само да констатираат смрт.