Товарниот сообраќај трет ден во застој, можно запирање и на меѓународниот автобуски превоз

by irena 08:22
08:22

Товарниот сообраќај и понатаму е во застој поради протестот на транспортните компании од Западен Балкан, кои од завчера ги блокираа граничните премини кон шенген-зоната со камиони. Превозниците бараат Европската Унија да го измени начинот на електронска евиденција на престојот во шенген-зоната, односно примената на правилото 90 дена во период од 180 дена, кое, според нив, не е прилагодено за професионалните возачи.

Според првичните проценки на стопанските комори, економската штета од блокадите достигнува околу 100 милиони евра дневно на регионално ниво. Во протестот се вклучени транспортни компании од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека проблемот на македонските превозници ќе биде надминат, посочувајќи дека ова прашање е отворено уште од септември во комуникацијата со Европската комисија. Тој најави дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во моментот е службено отсутна, и дека во наредните денови ќе ја отвори темата повторно, заедно со земјите од регионот, со цел да се најде решение кое ќе им излезе во пресрет на транспортерите, без да се наруши шенген-механизмот.

Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“ предупредуваат дека сегашните правила создаваат сериозни економски апсурди. Според нив, нема никаква оправданост компаниите да ангажираат по двајца возачи по возило, особено во услови кога нема доволен број камиони. Како што истакна генералната секретарка Билјана Муратовска, не е одржливо еден возач со месеци да биде дома и да прима минимална плата, додека другиот работи, што е штетно и за возачите и за превозниците.

Во меѓувреме, на истиот проблем укажаа и возачите во меѓународниот автобуски превоз, кои апелираат до европските институции да донесат правично и применливо решение што ќе ја земе предвид спецификата на професионалниот превоз на патници и стока. Од Асоцијацијата „Исток“ порачаа дека целосно ги поддржуваат ставовите на „Макам-транс“ и не ја исклучуваат можноста за заеднички протест доколку не се донесе одлука што ќе овозможи нормално функционирање на меѓународниот превоз и заштита на економијата.

Слични вести