Мицкоски за протестите на ССМ: Не се борат за плати, туку за политичка пресметка

by irena 08:20
08:20

„Секој има право да протестира“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, коментирајќи ги најавените протести на дел од синдикалните организации.

Премиерот посочи дека нема ништо против зголемување на платите, но оцени дека целта на синдикатите не е подобрување на стандардот на работниците, туку политичка пресметка.

„Ги видов барањата и тие не се ништо ново. Апсолутно сум за повисоки примања – секој треба да добие поголема плата и тука нема дилема. Но, мора да се каже вистината: неколкумина од раководството на овој синдикат се заробени од политички амбиции и одредени политички фигури. Сето она што го прават има таква цел. Не станува збор за хуман мотив и искрена борба за повисоки плати, туку за нешто сосема спротивно“, изјави Мицкоски.

На прашањето дали смета дека протестот на Сојузот на синдикати на Македонија има политичка позадина, премиерот одговори потврдно.

„Апсолутно. Зарем некој треба да има дилема кога протест најавен пред неколку недели се одржува само неколку дена по Конгресот на една политичка партија? Мислам дека тука нема простор за сомнеж“, рече тој.

Мицкоски додаде дека раководството на ССМ смета оти со ваквите активности ќе ѝ нанесе штета на Владата, но нагласи дека, според него, не станува збор за барање за повисоки плати, туку за синдикално дејствување кое е под влијание на политиката и одредени опозициски политичари.

„Тие мислат дека на овој начин ќе ѝ наштетат на Владата. Суштината не е повисоката плата на работниците. Начинот на функционирање на синдикатот, вклучително и раководството, се пренесува по фамилијарна линија. Доколку се погледне каде и на кои позиции биле родителите на дел од раководството, ќе стане јасно како функционира таа структура. Затоа, не станува збор за заштита на работничките права или за повисоки плати, туку за синдикално барање кое е заробено од политиката и одредени опозициски политичари“, дециден е Мицкоски.

Слични вести