Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна

by Fokus

Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.

Toj рече дека вчера имало повеќе незаконити настани кои биле пријавени до министерството за внатрешни работи, а како примери ги посочи обидите за поткуп со давање бонови за гориво од одредени членови на партија во Крива Паланка, како и злоупотребата на лични податоци и гласачки ливчиња на граѓаните кои биле споделувани во групи со цел информирање на одредена политичка партија за тоа кој го остварил правото на глас и за кого на територија на СВР Охрид.

„На територија на СВР Велес, направен е претрес во дом на едно лице каде се пронајдени повеќе пиштоли кои се незаконски држени од него, пронајдени се пари, околу 20 илјади евра и листа на лица кои на незаконски начин требало да бидат вметнати и да бидат поткупени за да дадат право на глас. Од страна на судија на претходна постапка е определен притвор за ова лице. Вчера имавме повреда на изборен процес на територија на СВР Охрид, во Кичево каде се забележани повеќе лица кои со возила вршеле поткуп за одредена политичка партија и во однос на овој правен аспект се постапува од страна на МВР“ рече Тошковски.

Додаде и дека во вчера во Неготино, пратеник од одредена политичка партија, користејќи податоци кои требало да бидат тајни, односно податоци за доделени финансиски средства за ИПАРД програми, се јавувал кај одредени граѓани кои добиле такви средства и влијаел тие да го дадат својот глас како што тој сметал дека требало.

Тошковски ги повика граѓаните да не дозволат нивниот глас да биде злоупотребен од било кого и порача дека потребно е да се има фер, демократски услови со масовна излезеност зошто само така може да се има европски избори кои ќе не одведат онаму каде што треба да се наоѓа земјата.

„Секој македонски граѓанин може да го оствари своето право на глас и е должен да го оствари своето право на глас на еден таен начин, а зад параванот никој не може да знае за кого во едни фер и демократски услови секој македонски граѓанин ќе го даде своето право на глас, нагласи Тошковски.

Поврзани новости