Тоше го нема, ама неговата енергија се уште обединува!

by fokus

Музичарите и некогашни учесници во регионалното шоу „Ѕвездите на Гранд“, Огнен Здравковски, Мите Стоилов и Исак Шабановиќ снимија кавер на популарната песна „Цреша“ од Тоше Проески.

Видеото со емотивната изведба денес го објави Огнен, кој за „Фокус“ вели дека оваа соработка се случила сосема спонтано, а при изборот на песна немало дилема, сите тројца уште веднаш одлучиле да биде тоа хит од Тоше Проески.

-Мојот колега Исак изминативе денови имаше настапи во локали во Македонија, па дојде да ме посети. Заедно заминавме кај Мите, и на крај, спонтано, од таа дружба, се роди заедничкиот кавер.

Сите тројца уште веднаш, без и да договараме околу изборот на песна, некако знаевме дека тоа ќе биде песна од легендарниот Тоше. Иако не е присутен со години наназад, неговата енергија е овде, тој ја има моќта да ги обединува луѓето.

За „Цреша“, можам да кажам дека е песна во која јас лично многупати сум се препознал, верувам дека е така и со повеќето кои ја сакаат оваа песна, универзална, со рефрен кој длабоко допира во душата.

-Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи, тоа се толку вистинити стихови. Сите песни на Тоше имаат посебно значење, благодарни сме му на богатата музичка ризница која ни ја остави и со која растат идните генерации – раскажува Огнен.

Додава дека изминатиот период му бил исполнет со снимање на нови материјали, и ги очекувал настапите во летниот период.

-Пред еден месец снимив нова песна, но за летово подготвував повеќе изненадувања, уште нови песни и спотови за мојата публика. Вложувам во кариерата и сметам дека тоа е вистинското нешто, кое кога се прави со љубов, секогаш на крај се исплати – ни изјави младиот музичар.

Поврзани новости