Тортевски: Ние ги плаќаме за да му го носат тефтерот на Шилегов

by fokus

Адвокатот Александар Тортевски, кој е кандидат за градоначалник на Скопје на Твоја Партија, на денешната дебата со конкурентите на Телма му се спротивстави на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој тврди дека Градот Скопје нема како да ја спречи изградбата на кулите спроти Холидеј Ин.

Според Шилегов, станува збор за постапка во која странки се инвеститорот и Општина Центар, а Градот има обврска да одговори на барањето за исплата на комуналии во рок од 30 дена.

-Град Скопје изготвува решение, пресметка за комуналии кои треба да да добие од изградбата на објектите и без такво решение инвеститорот не може да почне да гради. Градот нема обврска да прими пари кои не ги сака, особено ако се работи за спорна постапка – рече Тортевски.

Воедно, Тортевски го обвини Шилегов дека влегол во проект за изградба на мост без притоа да ги реши имотно-правните прашања. Шилегов, пак, реагираше дека имотно правните прашања се решаваат при изградба на булевар, а не на мост.

-Да, ама мостот мора да го поврзете со булевар, а сега мостот го градите додека го немате решено прашањето со 18 куќи – посочи Тортевски.

Исто така, тој реагираше зошто лица вработени во градската администрација го придржуваат Шилегов на дебатата.

-Тие се луѓе што ние граѓаните ги плаќаме и јас ги плаќам преку давачката за фирмарина, а вас ми помагаат и ви го носат тефтерот, а овде не сте градоначалник туку кандидат – рече Тортевски.

Шилегов, пак, возврати дека емисијата се снима во работно време.

Поврзани новости