За прв пат едно јавно обвинителство настапи настапи транспарентно, аргументирано и поднесе коректен предлог за изрекување на мерка притвор заради опасност од влијание на сведоците, смета адвокатот Александар Тортевски по вчерашниот настап на Специјалното јавно обвинителство, кое оформи предмет „Титаник“ за изборен криминал.
– Тоа е ново однесување, меѓутоа апсолутно во согласност со закон. Досега обвинителството само ќе нафрлеше законски основи за притвор и притворот веднаш ќе беше одреден. Дури се случуваше да се бара притвор за луѓе кои во моментот се наоѓале во странство и се вратиле во Македонија, но, сепак, им се одредувал притвор поради наводна опасност од бегство. Или, пак, некој кој веќе не е на функција добивал притвор заради опасност да го повтори делото, а делото всушност е поврзано со извршување на функцијата. Јанакиевски, на пример, некои дејства не може да ги презема затоа што не повеќе министер, впрочем исто како и Јанкулоска, но затоа СЈО побара притвор од можност од влијание врз сведоците и понуди докази за тоа – објаснува Тортевски.
Познавајќи ја состојбата во судот, додава тој, не очекував дека ќе биде одреден притвор на осомничените.