Јавните настани на отворено се забранети во Франција откако Европа ја погоди рекорден топлотен бран.
Концертите и големите јавни собири се откажани во областа Жиронд околу градот Бордо. Имено, делови од Франција деновиве достигнаа 40 степени Целзиусови, а денеска се очекуваат рекордно високи температури.
Научниците предупредуваат дека периодите на интензивна топлина стануваат сѐ почести и подолготрајни како резултат на глобалното затоплување. Други европски земји како Шпанија, Италија и Велика Британија исто така се борат со високите температури.
Француското МВР ги предупреди граѓаните да бидат крајно внимателни и да не се изложуваат на временските неприлики. Државниот институт Метео Франс исто така наведува дека тоа е најраниот топлотен бран што некогаш ја погодил таа земја, а бил предизвикан од маса топол воздух што се движела од Северна Африка.
Во Шпанија, која го доживеа најтоплиот мај од почетокот на овој век, викендов се очекува температурите да достигнат до 43 степени, соопшти метеоролошката служба Аемет. Има шумски пожари во Каталонија, а се борат и со пожар кој може да зафати 20.000 хектари пред пожарникарите да го изгаснат.
Загрижувачка е и ситуацијата во Италија. Нивото на водата е толку ниско во некои области на италијанската река По што локалното население може да оди по песочното корито, а потонати воени бродови повторно почнале да се појавуваат.
Што се однесува до Британија, температурите се очекува да достигнат 33°C на југот на Англија, додека трето ниво на предупредување поврзано со топлина е издадено за Лондон.