Бугарско вето за Богојески?

by fokus

Политичкиот активист Петар Богојески минатата недела бил задржуван на грчките гранични премини, бидејќи, како што го известиле грчките службеници, во системот на ЕУ имало распишано потерница против него од страна на Бугарија.

Имал проблем на три гранични премини на Грција, каде бил задржуван со цел да се извршат проверки.

После сите непријатности на грчките гранични премини, како ЕУ премини, на мое инсистирање, грчките службеници ме известија дека Бугарија има распишано потерница против мене во системот за гранично управување на ЕУ, без да наведе образложение за причините / основ за истото, или барем така ми кажаа Грците, вели Богојески за „Фокус“.

По ова, тој поднел барање до македонското МНР да реагира кон Бугарија и да побара информации и постапката е започната. Се уште нема одговор од страна на бугарското МНР по кој основ и меѓународен акт, Бугарија распишала потерница против Богојески со што доколку влезе на бугарска територија му се заканува прогон како „персона нон грата“.

Грците ме советуваа да одбегнувам патување преку Бугарија, со што бев приморан да го сменам планот за враќање од Турција и наместо преку Бугарија, од Одрин да се симнам на југ и да се вратам преку Грција. Планирам да побарам објаснување и од самата ЕУ и канцеларијата во Скопје, најавува Богојески.

Тој додава дека ова е класична злоупотреба на ЕУ инструментите од една земја членка Бугарија за пресметка со македонски граѓанин, неподобен за бугарските интереси, на ист начин како што Бугарија го злоупотребува пристапниот процес на Македонија за своја национална агенда.

Одговорот од МНР дека барањето е проследено до Бугарија.

К.С.Б.

Поврзани новости