Дали владата се обратила до обвинителството да праша во која фаза е истрагата за лажниот стечај на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД пред да одлучи да му додели државна помош, прашаа од АД Топлификација, од каде сметаат дека државата ангажира државни ресурси за покривање долг на осомничена приватна фирма.
-Дали владата знае дека ТЕ-ТО во периодот кога се реализирала инвестицијата морало да плаќа даночни долгови за ДДВ на граница при увоз на опремата? При увоз на гасната и парната трубина, кои се транспортираа од солунското пристаниште до Скопје со специјален транспорт, мораше да се плати даночен долг од околу 12 милиони евра. Тогаш, инвеститорите на ТЕ-ТО – АД Топлификација и рускиот партнер, ги платија сите законски даночни обврски со земање на кредити од банки и од сопствени средства. За таа цел, Топлификација се задолжи во домашни банка со 5 милиони евра. Вкупниот даночен долг од 12 милиони евра беше повратен од државата за 1,5 година. Значи, во тој период ТЕ-ТО бил кредитор на државниот буџет – велат од Топлификација.
Воедно, од таму прашуваат дали владата, давајќи државна помош, станала банка-кредитор на осомничени фирми и дали има функционер во владата кој, како што велат од таму, посебно ургирал за ова кредитирање?