Топла мобилна чекална за пациентите во кавадаречката болница

by fokus

Пациентите кои чекаат на преглед на инфективното одделение во кавадаречката болница добија мобилна чекална, опремена со греење.

Чекалната која се наоѓа во кругот на болницата е донација од ВВ Тиквеш, а директорот на болницата д-р Диме Коцев вели дека доаѓа во вистинско време, бидејќи поради ниските температури, сега пациентите ќе можат да чекаат на топло, а биле обезбедени и ќебиња.

-Има многу пациенти, се случува по пет-шест лица да чекаат за преглед. Сега тоа ќе можат да го прават во ова удобно катче, на топло. Благодарни сме и на винаријата Тиквеш за донацијата, во овие моменти секоја подадена рака ни значи многу нам, и на сите граѓани – вели тој.

Во кавадаречката болница од пред еден месец започна да функционира Ковид-19 одделот, каде денес се хоспитализирани 33 пациенти, а моментално има 27 слободни легла. На почеток, располагаше со 14 кревети, за да потоа во уште три наврати добие проширување, односно адаптирање за 60 легла.

Тука се лекуваат пациенти од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија.
Директорот појаснува дека од почетокот, па до сега на одделот биле хоспитализирани вкупно 102 пациенти, позитивни на корона вирус.

-Од хоспитализираните, 18 пациенти кои беа со многу тешка клиничка слика беа транспортирани на Инфективната клиника во Скопје. Имаме 18 оздравени пациенти, и за жал 16 починати на оддел, со многу сериозни коморбидитети – изјави д-р Коцев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости