Топ листа примитивиста

Ќе го цитирам Бјелогрлиќ, кој рекол: „Она што е најопасно е тоа што во последниве години, некој сака да нѐ убеди дека примитивизмот со кој сме опкружени, треба да биде моделот што треба да се следи.“

by fokus

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

„Забегано и дебело фашистичко копиле опасност по светскиот поредок“, гласи насловот на еден од порталите што пренесува информација за проба на 8 балистички проектили на Северна Кореја и изјавите на јапонските политичари и американските генерали кои со избран дипломатски речник го коментираат настанот и испраќаат пораки. Никаде, ниту една навреда, за разлика од насловот, но пораките искажани со дипломатски јазик и избрани зборови упатуваат силна порака.

Јавување на гледач во контактна емисија, со културен речник ја кажува причината за своето јавување, куртоазно се извинува поради времето што го користи, а водителот онака како пред кооперација вели -извинето, кажи.

ПРИМЕРИ НА НЕКУЛТУРА

Стои пред лифт, би требало да кажам госпоѓа, но поради нејзиниот однос не можам да ја наречам така, а поради моето воспитување нема да ја наречам како што заслужува, елем стои жена пред лифт во зградата во која живеам. Влегувам и ја поздравувам со добар ден, а таа ме погледнува и молчи свртувајќи ја главата.

Речиси полноќ, ечи музика од еден од становите. Комшиите вознемирени, пишуваат на заедничката вибер група молејќи го комшијата да престане и да ја намали музиката. Одговор нема, а кога еден од комшиите се заканува дека ќе се јави во полиција, „музикалниот“ комшија одговара со – „ќе ми се фатите… ништо не ми можете, се веселам, и да дојде полиција, ќе продолжам кога ќе си отиде“.

Стои старица пред шалтер во една од банките, стрпливо чека на ред, и покрај тоа што одвај стои. Работи само еден шалтер, бројчиња нема. Ненадејно се отвора уште еден шалтер и од крајот на редицата се затрчува момче од 30-тина години и прв се мести на другиот шалтер, лепејќи се за стаклото како риба чистач во аквариумот. На негодувањето на сите што чекаат во редица, мртов ладен им одговара, не трепнувајќи -што е бе, што сакате, не сум ви јас виновен што сте бавни.

Ова е само мал дел од примерите на простачко, некултурно и невоспитано однесување, кое секому, секаде, секојдневно се случува. Примитивизмот и некултурата, невоспитаноста и безобразлукот се присутни во секое делче од нашето живеење и секојдневие.

Од фамилијаризирањето и некултурното ословување со тетке, чичко, женска, бе, мори, ма, па до кратењето на имињата на луѓето што првпат ги гледате или не сте толку блиски со нив, ама ги ословувате со Саше (Александар), Пајо (Павле), Кико (Христијан ), Ацка (Александра) итн., само го покажува и нивото на воспитувањето но и нивото на зрелоста на една личност.

Некултурното и простачко однесување не го карактеризира оној на кого му е упатено, туку го карактеризира оној што така се однесува.

Најчесто, ваквото однесување кон другите и средината во која живеат не завршува кај овие луѓе само на зборовите. Истите тие, без кочници и скрупули, крајно простачки, егоистично и невоспитано фрлаат ѓубре преку балкон, паркираат автомобил каде што ќе стигнат, блокирајќи ја гаражата или неколку возила на комшиите, бушат со бормашина среде ноќ, оставаат ѓубре и отпад од предмети и зборови, ненавикнати да живеат во заедница со други луѓе, почитувајќи ги и нивните права и интимност.

ПРИМИТИВЦИ И ЕГОИСТИ

Исти такви примитивци, егоистично, без скрупули и морал ја урнисаа и државата и општеството, го разнебитија системот на вредности, го узурпираа системот на управување, ја испоганија земјава и сѐ што е вредно и направија депонија од државава, во која се трупа ѓубрето на примитивизмот и простотијата.

Покрај отсуството на домашното воспитување, кое е последица на распаѓањето на семејството како основна клетка, и трката по пари, во која се нема време за децата и нивното воспитување, но и во која најчесто не се избираат средства за да се дојде до нив, распаднатиот систем на вредности, маргинализираното и сѐ послабо образование, со отсуство на педагошката функција, двојните аршини и селективноста на сите општествени полиња, како и недопирливоста на поединците и разнебитениот правен и општествен систем создаваат вакви креатури и морални накази.

Онаа поговорка која многупати сум ја слушал од старите – го напуштил селото, но селото не го напуштило него е неточна. Во селата луѓето сѐ уште се однесуваат традиционално и знаат да поздрават и непознат минувач, внимаваат на соседот, на својот образ и однесување, за разлика од тие што се дојдени во град. Најверојатно, истите и во село не знаеле да живеат со другите, па морале да се скријат во град, надевајќи се дека нема во толпата да ги забележат, ама невоспитаноста и простотилакот ги издава.

За крај ќе го цитирам Бјелогрлиќ, кој рекол: „Она што е најопасно е тоа што во последниве години некој сака да нѐ убеди дека примитивизмот со кој сме опкружени, треба да биде моделот што треба да се следи.“

Дај да се здружиме сите ние кои не сакаме да живееме во овој примитивизам. И новинари и просветари, доктори, спортисти и сите останати чиј збор се слуша мораат да пуштат крик кој вели: Не сакаме децата да ни растат со вакви медиуми, да се лекуваат во пропаднати болници, да се школуваат во обезглавени училишта, да им се криминалците идоли, а проститутките примери”

 

Поврзани новости