Тони Ивановски со нов албум: Добрите пејачи снимаат и во кризно време

by fokus

 

Музичарот Тони Ивановски,кој што во минатото беше дел од популарната група, „Биоритам“ по две години пауза повторно се враќа на сцената, овој пат со нов албум, заеднички проект со битолската група „Акорди“. Вели дека цели две години работел на цедето, за кое што е свесен дека ќе биде промовирано во време кога состојбата на естрадата е доста лоша, но верувал во себе и својата нова екипа.

„Цели две години настапувам со момците од „Акорди“, но во исто време работев и на новиот албум. Има десет песни, од кои некои се нови, некои се обработки на мои постари нумери, а исто така ми продолжува и соработката со Кристијан Габровски – Ристо Бомбата, и на албумот ќе се најдат две негови песни. Ќе биде насловен „Парампарче“ според водечката нумера, а наредниот период планирано ни е и снимање на спот за една од новите песни. Знам дека веќе подолг период на нашата естрада не се случува ништо ново, актуелна е забраната на ЗАМП, изведувачите се ставени во една незавидна положба, но јас сум човек кој што не сака да стои во место и да губи време. Имам што да и понудам на публиката, затоа и се решив за снимање на албум во ова, да го наречеме кризно време за нашата музика“ – вели Тони. Тој додава дека неговата публика му била најголема инспирација за новиот проект и не се плаши од неуспех.

„Речиси секоја вечер имам настапи во локали низ целата земја, а народот постојано прашува кога ќе има нова песна,албум… Дај нешто ново е реченицата која што редовно ја слушам, и знам дека да се вложи во албум во овој период на неизвеснот, кога и нема каде да се промовираат новите песни, освен на настапи, е голем ризик за секој изведувач. Но чувствувам дека имам обврска кон мојата публика, сакам и можам да понудам новитети, песни кои што ќе се слушаат и ќе останат. Ги охрабрувам и моите колеги, посебно оние квалитетните, кои што со години наназад не снимаат ништо, конечно да се разбудат и да дадат освежување на естрадата“ – изјави Ивановски.

Промоцијата на новиот албум и спот веќе била закажана за средината на фебруари во хотелот „Премиер“ во Битола.

Вики Клинчарова

Поврзани новости