Том Хенкс е актерско име кое нешто повеќе од четириесет години е синоним за неверојатен талент за глума.
Сепак, организаторите на пародичните филмски награди Златна малина, коишто им „оддаваат почит“ на најлошите филмски остварувања во изминатата година, одлучија да му доделат дури две вакви статуетки на Хенкс.
Имено, легендарниот актер е „награден“ со Златна малина за најлош актер во споредна улога, за неговото појавување во филмот „Elvis“, каде го игра менаџерот на Елвис Присли – полковникот Том Паркер, и за најлоша филмска двојка, за него и неговото „латексно лице“.
Во останатите поважни категории на годинашното 43 издание на Златна малина, биографскиот филм за Мерилин Монро, „Blonde“ е прогласен за најлош филм на годината, а режисерот и сценарист Ендру Доминик ја доби статуетката за најлошо сценарио.
Актерот Џаред Лето е прогласен за најлош актер во главна улога поради неговата актерска изведба во филмот „Morbius“, а неговата колешка од истиот филм Адрија Арџона ја доби наградата за најлоша актерка во споредна улога.
Наградата за „искупување“ отиде во рацете на Колин Фарел, кој во 2004 година беше номиниран за Златна малина за , а годинава е во трка за најпрестижната филмска награда Оскар за улогата во филмот „The Banshees of Inisherin“.