Толески ги советува првите дами: Учете за стил од Снежана Георгиевска и Јованка Броз!

by Fokus

Модниот стајлинг на сопругите на политичарите секогаш е интересна тема, посебно помеѓу припадничките на понежниот пол.

Во светот познатите први и втори дами и сопруги на министри, неретко со својот моден концепт и детали предизвикуваат нови трендовски движења и спонтано наметнуваат популарност кај одредени парчиња на облека, чија продажба веднаш забележува пораст. Таков е случајот со Меланија Трамп, Бриџит Макрон, кралицата Ранија, британското кралско семејство и многу други.

Околу тоа дали кај нас постојат дами во политиката кои оставиле свој белег на модната сцена, и дали постојат такви, на кои дури и модните креатори и стилисти им симнуваат капа, разговаравме со познатиот дизајнер Небоша Толески, познат во јавноста како моден гуру со години наназад. И ако според некое непишано правило имиџот се поврзува со личните особини, според дизајнерот, нашите први дами минуваат низ политичката сцена невпечатливо и неусогласено.

-Нашите први или ,,втори” дами од осамостојувањето па до денес немале никогаш моќно, маркантно себепрезентирање. Секогаш прескромни, невпечатливи и стилски неусогласени… Со костимчиња после Втората светска војна, без возвудливи моменти, без изразен моден став. А колку само имале и имаат опции. Колку само имале можност да им биде сервирано се на тацна и да заблескаат на приемите или посетите на другите земји. Ама неее, тие очигледно не сакале да бидат центар на внимание, да не го засенат сопругот случајно – тврди дизајнерот.

Тој додава дека во Македонија, освен за сопругата на Љубчо Георгиевски, Снежана, колку и да сака, за ниту една друга дама од политиката не може да каже дека била предводничка на беспрекорен стил.

-Мои дами, секогаш сте ги промашувале шансите да ви се восхитуваме. И модно и преку вашите мисии кои ако ги имало, исто како да ги немало. Со повеќето од вас сум имал прилика да разговарам и сте биле фантасtични соговорнички ама никогаш не сте ми дозволиле да ви дадам моден комплимент. Освен на една која беше вистинска предводничка на беспрекорен стил- Снежана Георгиевска – раскажува Толески.

Според него, нашите први дами на некој начин се плашат од осуда на околината, и за жал, не можат да бидат инспирација на модните дизaјнери.

-Зошто толкав страв од осуда? Никој не рекол пердуви да носите на глава, само да изненадите со доза на екстраваганција и да ни одржите стилска лекција. Јованка Броз го донесе холивудскиот гламур во поранешна Југославија. Многу итро знаеше како да ги прикрие облините, а сепак да изгледа отмено, од фризура па се до чевлите. Таа дури и успеа да се „одлепи“ од популарноста на Тито и да изгради бренд од себе. Дури и шолјата за кафе знаеше да ја држи кралски и да има такви манири. Нејзиниот стил се раскажува низ годините, се пишуваат книги на таа тема, честа инспирација е и за модните дизајнери. Да не зборуваме за првите дами на САД и Франција… тие направија своевидна модна револуција. Дури и кралиците увидоа дека беспрекорно усогласениот стил кој малку скршнува од кралските правила и тоа како знае да остави силен впечаток – вели дизјанерот и сопственик на модното ателје ,,Толески”.

Додава дека, сакале или не, првите дами секако ќе бидат запишани во нашата историја, и ги советува да се потрудат да бидат инспирација и да остават свој белег.

-Дали и ние некогаш ќе имаме прилика да научиме нешто од нашите први дами? Секако ќе бидете запишани во македонската историја, па потрудете се да оставите свој заштитен знак, да мотивирате и да бидете вистинска инспирација, и не само модна – раскажа модниот гуру.

Вики Клинчарова

Поврзани новости