,,Црвена јабука” го сними дваесеттиот албум: Песни за сите бивши и сегашни љубови

by Fokus

Популарниот поп- рок бенд ,,Црвена Јабука” до крајот на месецот ќе го издаде својот најнов, дваесетти по ред албум, насловен ,,Ноктурно”.

-Членовите на ,,Црвена Јабука” неодамна се вратија од успешната австралиска турнеја, а во минатата година бендот посети три континенти, Европа, Австралија и Северна Америка. Распродадените концерти и воодушевената публика се најдобар ветар во грб за групата, и ниту илјадници поминати километри не беа пречка за снимање на новите материјали – известуваат од бендот.

На новиот албум ќе се најдат 15 песни, а насловната песна ,,Ноктурно” со која почнува и завршува албумот била снимена во две верзии, акустична и електрична. Позади новиот албум стоела екипата составена од Драгомир Херендиќ, Мирко Шенковски – Џеронимо, Самир Ќерамида, Исмар Пориќ, Ларис Пашалиќ, Ѕвездан Марјановиќ и Дражен Жериќ – Жера, кој е коавтор на аранжманите на сите песни и копродуцент на албумот.

-Едно е сигурно, албумот ,,Ноктурно” ве повикува на танцување, со него ќе пеете и ќе љубите, за сите бивши и сегашни девојки и момчиња – велат од бендот.

Минатиот месец ,,Црвена Јабука” имаше свој концерт во Радовиш, на општинската манифестација ,,Самун ем татлија”. Нивниот настап траеше повеќе од два часа, а помеѓу публиката имаше гости од сите генерации кои се забавуваа со безвременските хитови на популарната музичка група.

Вики Клинчарова

Поврзани новости