Дел од кадрите кои се од полна доверба на раководството функционираат по партиски линии, а „неподобните кадри“ во МНР се користат за колку-толку да ги покријат професионалните задачи, вели претседателот на Синдикатот на дипломатската служба Сашко Тодоровски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Како претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба, како гледате на состојбите во Министерството за надворешни работи во однос на услови за работа, права на вработени и плати?
Практично на сите овие прашања одговорот е „НЕ“. Не сме задоволни во ниту еден од овие сегменти и тоа незадоволство го искажавме преку еден првомајски протест во кој се обидовме на министерот да му посочиме кои сè области се деформирани до ниво на катастрофа. Меѓу тие области се и овие прашања, вклучувајќи ги условите за работа, што значат специфики на нашата служба и движењето во дипломатско-конзуларните претставништва, работата овде во Скопје, како во централа, па сè до она што значат плати, не толку овде во Македонија, колку она што значат плати во странство. Меѓутоа најстрашно во сето тоа веројатно е она што значи дерогирање на македонското Министерство за надворешни работи во смисла на тоа дека се чувствуваме дека сме некој вид на протоколарна служба или некој вид дипломатски патнички сервис. Ниту една од суштинските ингеренции што Министерството треба да ги врши не се вршат во Министерството, туку се дислоцирани и практично надвор од системот на институции на Република Македонија.