И, покрај тоа што техничкиот министер за здравство Никола Тодоров е во заминување, сепак тој не се откажува од идејата за поставување на апарати за отпечатоци на прсти за контрола на лекарите и медицинскиот персонал на скопските клиники.
„Фокус“ располага со фотографии од апаратите кои биле поставени на Стоматолошките клиники, преку кои секојдневно лекарите треба да го евидентираат своето доаѓање на работа. Пред само две недели, за што веќе пишувавме, истите апарати беа поставени на скопската Клиника за гастроенхепатологија и на Клиниката за психијатрија.
Тодоров уште во 2014 година ги има вметнато во измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.
Што значи земање отпечатоци од прсти на вработените во јавното здравство? Отпечатокот од прст е биометриски личен податок, кој подлежи на најголема заштита и ваквиот начин на идентификација го користи МВР кога ги евидентира граѓаните кои вадат лични карти и пасоши. Отпечатоците служат и во истрагите за кривични дела, кога крим-техниката на МВР може да провери во својата архива, дали собраните отпечатоци од местото на настанот, на потенцијалниот сторител на кривичното дело одговараат на нечиј идентитет со кој располага МВР.
„Фокус“ разговараше со неколку лекари, кои се револтирани, не можејќи да се помират со фактот дека техничкиот министер има намера да ги „дисциплинира“ на таков начин.
Тоа предизвика негативни реакции кај речиси сите вработени на скопските клиники, кои веднаш дадоа отпор да се воведе биометриски софтвер (отпечатоци од прсти), со што министерството ќе има пристап до нивните лични податоци, за кои се плашат дека со оглед на тоа каква е ситуацијата во државата, во секој момент можат да бидат злоупотребени и искористени за разни цели, па дури и за криминални.
И.М.