Министерот за здравство Никола Тодоров денеска по кој знае кој пат нагласи дека главен виновник за појавата на опасната бактерија листерија кај заболените и починатите пациенти е производ од кумановската компанија „Екстра меин“, за што добиле потврда и од две реномирани лаборатории во Париз, каде дополнително биле испратени анализи на испитување. Тој нагласи дека како и секогаш, македонските власти биле во право.
– Главен причинител за листерија кај заболените и починатите пациенти е производ од компанијата Екстра Меин од Куманово. Со овие анализи, добивме потврда од едни од најреномираните институции во светот дека станува збор за ист извор на листерија. Референтните лаборатории потврдија дека точно и прецизно е лоциран изворот на листерија, од страна на македонските власти. После извршена анализа на голем број мостри од индустријата за храна од животинско потекло, единствено кај еден вид производ – вакумиран сечкан свински врат, произведен од Екстра-меин од Куманово, беше докажана listeria monocytogenes, а извршената генотипизација покажа 98% (потполна) идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето – истакна Тодоров на денешната прес-конференција.
Според него, со овие силни докази се става крај на шпекулациите и наодите дека се уште не е најден виновникот за листеријата.
– Не обвинуваа за фалсификување на постапката и документацијата, не обвинуваа дека постапката за пронаоѓање листерија е нестручна и наместена, дека непотребно сме ставале некоја фирма на столб на срамот. Спротивно на сите лабораториски анализи, тврдеа дека листерија нема. Тврдеа дека е избрзана игра за наоѓање виновник, не прогласија за егзекутори, за аматери и непознавачи на проблематиката, кои нестручно менаџирале и на крај тоа го покриле со егзекуција на некоја фирма. Ние за цело тоа време верувавме во квалитетот на знаењето и професионализмот на македонските експерти од Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институт за микробиологија и Агенцијата за храна и ветеринарство – тврди Тодоров.
Според информации од здравствените власти, од опасната листерија заболеа 10 пациенти од кои пет починаа.